„Во периодот по 1991 година, Република Бугарија постојано демонстрираше искрена желба за развивање добрососедски односи со Република Северна Македонија. По потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка во 2017 година, се воспостави практика за заедничко славење на историските личности од нашата заедничка историја, како што е Георги (Гоце) Николов Делчев, несомнено. За жал, прославата на 151-годишнината од неговото раѓање не придонесе за надградување на билатералните односи меѓу Софија и Скопје“, се наведува во ставот на МНР на Бугарија за дешените настани.
„Со длабоко жалење констатираме дека 4 февруари 2023 година ќе влезе во историјата како датум на кој властите во Северна Македонија, од крајно неубедливи причини и кршејќи ги претходно дадените гаранции, не дозволија одавање почит на животот и делото на Делчев на бугарските државјани. Министерството за надворешни работи го дефинира актуелниот однос на владетелите во Северна Македонија како понижувачки и неприфатлив кон бугарскиот народ и кон Република Бугарија.
Ваквите акции ги оценуваме како неисполнување на заложбата да се обезбеди непречен пристап до сите добронамерни граѓани кои сакаат да му оддадат почит на споменот на големиот револуционер. Ова, заедно со неподготвеноста да положат венци од страна на делегациите на Бугарија и Северна Македонија, претставува отстапување од воспоставените добри практики и ги нагризува напорите на Република Бугарија насочени кон зајакнување на добрососедството.
Денешните постапки на властите во Северна Македонија нанесоа сериозна штета на процесот на враќање на довербата и покрај напорите на премиерот Галаб Донев, кој во тешка ситуација иницираше процес на деескалација и на вицепремиерот за јавен ред и безбедност и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, кој токму за оваа цел го посети Скопје на 30 јануари годинава, како и неговата денешна посета.
Досегашните информации со кои располага Министерството за надворешни работи се дека на граничните премини од македонска страна, бугарски државјани со часови не биле пропуштани на територијата на Северна Македонија поради расправии од техничка природа. Потоа, дел од бугарските државјани добија службено одбивање да влезат на територијата на нашата соседна земја, а други се вратија поради долгочасовното чекање.
Меѓу засегнатите со овие рестриктивни мерки има и новинари против кои се употребени основите на „закана по јавниот ред, националната безбедност, јавното здравје или меѓународните односи на Република Северна Македонија“. Има информации за насилство од страна на граничните власти на Северна Македонија. Во исто време, во Скопје беше направен крајно изненадувачки, но неуспешен обид да се ограничи големината на бугарската официјална делегација за време на нејзиното поклонување во црквата Св. Спас.
Министерот за надворешни работи оствари разговор со амбасадорката на Северна Македонија во Софија, Агнеза Руси, со барање за интервенција и враќање на слободата на движење. Истото прашање во Скопје повеќепати го поставуваше и вицепремиерот и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев. Уште еднаш утврдивме дека изјавите и уверувањата што ги добивме од претставници на властите во Северна Македонија не соодветствуваат со ситуацијата на терен. Овој пристап во никој случај не помага за водење конструктивен и добронамерен дијалог.
Во врска со објавите во медиумите за приведени бугарски државјани, Амбасадата на Република Бугарија во Скопје официјално се обрати до локалните власти со барање за дополнителни информации, иако таквите информации требаше веднаш да бидат испратени од властите во Северна Македонија. Се очекува да им се суди по брза постапка. Министерството за надворешни работи апелира до засегнатите бугарски државјани, кои добиле писмено одбивање да влезат на територијата на Северна Македонија, да ја достават оваа информација до Министерството за да ги преземе неопходните активности преку дипломатски канали и да ги информира нашите меѓународни партнери.
МНР потсетува дека слободното движење на луѓето е еден од главните принципи на функционирањето на ЕУ. Дополнително, тоа е конкретна мерка за зајакнување на добрососедските односи. Доколку е потребно, Бугарија е подготвена да обезбеди техничка помош за да се обезбеди непречено функционирање на граничниот премин.
За воспоставување добрососедски односи потребни се најмалку двајца искрени партнери. Сè потешко е да се препознае во однесувањето на властите во Скопје вистинска желба да се изгради потребната доверба, пријателство и соработка“, се додава во соопштението.