Во бугарското министерството за надворешни работи ќе биде повикана македонската амбасадорка Агнеза Руси и ќе ѝ биде врачена протестна нота во врска со синоќешната кафеанска тепачка во Охрид.
Од бугарското МНР велат дека станува збор за тешко криминално дело, извршено врз граѓанин на Република Северна Македонија со бугарска самосвест и секретар на организацијата „Борис Трети“ во Охрид.
Понатаму, од бугарското МНР ги повикуваат македонските власти да преземат итни и ефективни мерки за борба против злосторства од омраза против Бугарите.
Од бугарското МНР додаваат дека бугарскиот министер Николај Милков веќе имал телефонски разговор со македонскиот колега Бујар Османи, од кого добил уверувања дека ќе биде спроведена неопходна истрага од страна на надлежните органи.
„За жал, нападот од 19 јануари 2023 година е индикативен пример за тешките последици од системското отсуство на адекватна реакција и ангажираност од страна на Република Северна Македонија, вклучувајќи и по однос на неможноста да ја исполни својата основна обврска – да ја гарантира сигурноста на сопствените граѓани“, велат од бугарското МНР.
Охридската полиција утринава соопшти дека има пријава за нападнат 21-годишен охриѓанец во угостителски објект на кеј „Македонија“. Според пријавата, тој синоќа бил нападнат од тројца негови сограѓани, по што му била укажана лекарска помош во Општа болница Охрид.
Од полицијата додаваат дека јавен обвинител и СВР Охрид преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе следува соодветна пријава.