Таа појасни дека овие елементи се важни за да може да се утврди реалната цена на учебниците, врз основа на тоа колку чини печатењето, репроматеријалите и колку ги чини куќите авторското право.

-Ова е важно за да не одиме ниту превисоко, ни прениско со цената на учебниците. Во моментов сме во консултација со повеќе институции кои се во рамки на Министерството и се надлежни за ова прашање, но и со надворешни институции со цел да стигнеме до заштита на јавниот интерес, но и формирање на реална цена, рече Царовска.

Првиот обид за преговори со двете издавачки куќи кои ги имаат правата за Кембриџ учебниците, Арс Ламина и Арбериа Дизајн, беше неуспешен, затоа што тие не доставиле докази за авторско право за Кембриџ учебниците.

Министерката појасни дека со други две компании со кои се преговарало, ќе се потпишат договори, а со Арс Ламина и Арбериа Дизајн постапката може да се повтори, по завршувањето на жалбената постапка.

-Важно е заеднички да го надминеме ова прашање. Сметаме дека јавните пари мора да се трошат на транспарентен начин. Затоа ги бараме и одобрението и авторските права и сите други документи за да може да одиме на откуп на учебници, посочи Царовска.