Според излезната анкета на телевизијата АРД, и конзервативната коалиција на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), но и Социјалдемократската партија на Германија (СПД) освоија по 25 проценти од гласовите.

Излезната анкета на телевизијата ЗДФ предвидува дека СПД, чиј кандидат за канцелар е Олаф Шолц, ќе има 26 проценти, а демохристијаните, предводени од Армин Лашет, ќе освојат 24 отсто од гласовите.

Резултатите од двете излезни анкети покажуваат дека Зелените, предводени од Аналена Бербок, се на трето место, со околу 15 проценти од гласовите.

Тесниот резултат на изборите покажува дека претстојат долги преговори за новата влада и дека е неизвесно кој ќе ја наследи канцеларката Ангела Меркел, која се повлекува од функцијата по 16 години на чело на германската влада.

Резултатот на ЦДУ/ЦСУ очевидно ќе биде нивниот најлош во повоената историја на Германија. Таа коалиција, која беше предводена од Меркел на претходните избори, имаше најлош резултат досега во 1949 година со освоени 31 процент од гласовите.