Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, досега 427 535 граѓани изразиле желба преку веб-платформата vakcinacija.mk.
Министерството за здравство соопшти дека на вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 231 014 граѓани. Вчера вкупно се вакцинирале 11 598 граѓани, а прва доза примиле 2504.
– Во државата вкупно се аплицирани 290 829 дози вакцини, а ревакцинирани се 59 815 граѓани. Со последните бројки, 47 проценти од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 41 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, информира Министерството за здравство, кое апелира граѓаните да се пријавуваат на vakcinacija.mk како најлесен и најбрз пат да се вакцинираат.
Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб-страницата vakcinacija.mk, како и лица вработени во критична инфраструктура.
Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата – во А1 Арена СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје и во спортски сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.