Балканот во вторник и среда ќе биде зафатен од нагло заладување по периодот на натпросечно топло време. Според прогнозите на „Severe Weather Europe“, студениот арктички воздух најсилно ќе се почувствува во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Романија и Бугарија.
Силен блокирачки антициклон над Северниот Атлантик и Скандинавија ќе го насочи студениот поларно-арктички воздух кон источните и јужните делови на Европа. Во погодените подрачја, дневните температури би можеле да бидат за 10 до 15 степени пониски од неодамнешните просечни вредности.
Студениот фронт во вторник ќе зафати поголем дел од Балканот. Во среда ќе продолжи да се шири кон Грција и Егејското Море, како и кон Црното Море и Турција. Во најниските и средните слоеви на атмосферата се очекуваат температури од 6 до 10 степени под просекот за крајот на септември.
Најголемо отстапување од долгорочниот просек во вторник се прогнозира во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Романија и Бугарија, каде што температурите локално би можеле да бидат пониски за 10 до 15 степени. Студениот бран ќе ги зафати и Грција и северозападниот дел на Турција.
Во среда заладувањето особено ќе се почувствува во Бугарија, Грција и Турција. Во западниот дел на Турција температурите локално би можеле да се спуштат од 12 до 16 степени под вообичаените вредности за овој период од годината.
По навлегувањето на студениот воздух, значително пониски температури се очекуваат и во текот на ноќта. Ведрото време и послабиот ветер ќе создадат услови за појава на првиот утрински мраз во пониските предели, котлините и земјоделските подрачја, од Балтикот, преку Балканот, до Романија и Бугарија.
На повисоките планини на Карпатите, а можно е и во северниот дел на Балканот, температурите би можеле да се спуштат до границата на замрзнување. Тоа би создало услови за првите позначајни снежни врнежи оваа есен.
Вторник и среда се очекува да бидат најстудените денови. Во централниот и јужниот дел на Балканот температурите претежно ќе се движат од 10 до 20 степени, што претставува значителен пад во споредба со претходниот период на невообичаено топло време.
Сепак, според прогнозите, студениот бран ќе биде краткотраен и главно ќе се задржи до средината на неделата. Потоа се очекува потопол воздух од запад повторно да се прошири кон централните делови на Европа.
