Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе одлука со која од 22 септември од 00:01 часот се зголемуваат малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,19 отсто во однос на претходната одлука од 14 септември. Најголемо зголемување има кај дизелот, чија цена се зголемува за 5,50 денари за литар, додека бензините поевтинуваат за 1,50 денар за литар.

Од РКЕ објаснуваат дека промената е резултат на зголемувањето на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар. Во споредба со претходната пресметка, кај бензините има просечно зголемување од 0,960 отсто, кај дизелот од 6,772 отсто, кај екстра лесното масло од 5,960 отсто, а кај мазутот од 4,084 отсто. Во истиот период, курсот на денарот во однос на доларот по кој биле формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,753 отсто.

„Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување и тоа во просек: кај бензините за 0,960%, кај дизелот за 6,772%, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 5,960% и кај мазутот исто така има зголемување за 4,084%.

Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,753%.

Во Одлуката на РКЕ е применет намален износ на акцизата од 4,00 ден/лит кај бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и е продолжен намалениот износ на акцизата од 4,00 ден/лит кај ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V). Во исто време е применет и намалениот износ на ДДВ за нафтениот дериват ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) во износ од 10%“

Од 22 септември во 00:01 часот максималната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 99,00 денари за литар, а ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава по максимална цена од 101,00 денар за литар. ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) ќе чини 104,50 денари за литар, масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 114,50 денари за литар, а мазутот М-1 НС 50,078 денари за килограм.

Тоа значи дека малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 1,50 денар за литар. Цената на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 5,50 денари за литар, додека Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) поскапува за 5,00 денари за литар. Кај мазутот М-1 НС има зголемување од 1,835 денари за килограм, па новата цена ќе изнесува 50,078 денари за килограм.

РКЕ напоменува дека станува збор за максимални цени кои важат од 00:01 часот на 22 септември. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените и под максимално утврденото ниво.

„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 22.9.2026 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“ – се вели во соопштението на РКЕ.