Блокирање на Парламент во услови на криза е енергија на деструкција, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи, во однос на најавената активна блокада на собранието од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Тоа е споменик на поделби, вели Османи за Утрински брифинг, посочувајќи дека сега на социјалните мрежи повеќе се зборува за споменикот на УЧК и се става во негативен контекст, отколку за обидот за блокирање на државата, чија цел на крај е да страдаат граѓаните од сите етнички заедници.

– Владата е единствена и апсолутно јасна во своите определби и ништо нема да ја поколеба во остварување на целите… Јавноста со право е фрустрирана поради економските текови кои се поврзани со надворешни фактори, како и од пандемијата и од забавувањето на европските текови, но работа на Владата е да ги води и предводи работи, а не да јава на расположенијата на граѓаните. Граѓаните се фрустрирани, но тие гледаат постратешки од многу политичари, вели Бујар Османи.

Посочува дека државата нема да најде друга алтернатива на ЕУ, но дека се помалку има политички капитал – поддршка од граѓаните за, како што вели, бесконечно да продолжиме во ова малтретирање. Сепак, според Османи, мора да добиеме одговор од ЕУ што понатаму.

-Овие два месеца треба да се вложиме оти ова е една од последните шанси да ги надминеме разликите со Бугарија и да ги започнеме европските процеси, вели Османи.

Османи, посочи дека ново во надворешната политика е воспоставувањето процес на следење на имплементацијата на стратешкиот договор со САД и покренување нови иницијативи во делот на економската соработка, енергетиката, одбраната, кибер заштитата, додека со ЕУ продолжуваат разговори на паралелни текови оти нашата цел е да создадеме европска и функционална држава.

– Поголема делегација заминува на 2 јуни за Вашингтон и која ќе го започне дијалогот со Стејт департментот. Последно пред неколку месеци Хрватска започна таков процес, но ние сме први од Западен Балкан, кој што го почнуваме и сметам дека е еден вид на признание, на сите наши општествени и државни постигнувања, изјави Османи.

За односите со Русија, Османи рече дека се такви како што се и дека ние најжестоко ја осудивме руската агресија во Украина и врз основа на тоа преземаме одредени мерки.

– Вчера на Влада донесовме и препорака до општините да не учествуваат на настаните по повод 9 Мај, а се планираат од Руската амбасада во наредните три дена. Владата ги посоветува општините, затоа што не може да ги задолжи, изјави Османи, посочувајќи дека нема сиви зони по ова прашња, или сте со демократскиот свет или сте со Русија, Белорусија и Северна Кореја.