„Во името на Социјалистичката партија на Македонија и во свое име со најголемо внимание упатувам честитки за Денот на трудот 1 Мај до сите кои единствено со својот труд, знаење, заложба и сила обезбедуваат егзистенција за себе и за своите семејства и до сите работни луѓе кои со своите раце создаваат вредност за себе и за нашата држава, напиша Љупчо Димовски, претседателот на СПМ.
Во продолжение честитката
И оваа година го одбележуваме овој значаен празник во исклучително лоши околоности и со големи предизвици во битката за заштита на правата на обесправените работници и заштита на социјалната правда.
И во овие тешки времиња за македонското работништво нашата поддршка е безрезервна, а изграденото единство потврдува дека мораме заедно да ги премостуваме проблемите со што ќе изградиме уште поголема сплотеност и меѓусебно разбирање. Затоа што мора да се стави крај на експлоатацијата и нечовечкиот однос кон македонскиот работник кој денес трпи неправди, притисоци и закани.
Затоа работникот не смее да биде оставен сам!
Ние во Социјалистичката партија на Македонија искрено веруваме дека само заедно ќе успееме да го заштитиме секое работно место и дека ќе изградиме уште посилна заедница во интерес на сите граѓани. Впрочем, примерот од повеќе децениското минатото кога заедно се боревме против неправдите, заедно се изборивме за Македонија, заедно ја градевме Татковината, заедно се радувавме на нашата самостојност и независност го потврдува тоа и ни дава поттик повторно заедно да одиме во борба за работничките права, за борба против сите обиди за кршење на работничите права или за загрозување на нивното достоинство.
Ние сите заедно мораме да обезбедиме работниците во нашата земја да се вреднувани, мотивирани и почитувани, да бидат сигурни и заштитени на своите работни места.
Впрочем, работниците најдобро знаат дека само она што е создадено со сопствен труд е бесценето. Само она што тие го направиле за другите е нашата вистинска вредност.
Социјалистичката партија на Македонија гласно ги прозива и ги предупредува сите најодговорни институции во државата, пред сé Владата на Република Македонија, но и организациите на работодавачите на обврската да ги почитуваат материјално-социјалните права на вработените утврдени во Уставот на Република Македонија, законите и колективните договори, и да придонесат за нивно натамошно унапредување, преку социјалниот дијалог, колективното преговарање и договарање. Единствено на тој начин може да се гради современа, демократска, социјална и правна држава.
Мораме заедно да ги почнеме промените, да бидеме дел од промените на нашата земја каква што ја посакуваме. Заедно да се спротивставиме на лошите политики на однародената власт и себичните интереси на капиталот за да се избориме за достоинството на македонските работници како што им прилега и како што заслужуваат.
Здружени, единствени и сигурни сме посилни.
Нека ни е честит Празникот на трудот Први мај!,“ се вели во честитката упатена од претседателот на СПМ, Љупчо Димовски по повод Денот на трудот 1 Мај.