Камерниот ансамбл „Консонанс“ настапи во „Хорти Салустијани“
Со концерт на камерниот ансамбл „Консонанс“, одржан во престижниот амбиент на „Хорти Салустијани“, свечено беше заокружено годинашното чествување на сесловенските просветители во Рим, во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“.
На настанот, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој е дел од државно-црковната делегација, истакна дека делото на светите браќа Кирил и Методиј претставува траен духовен и цивилизациски темел на словенската писменост, култура и идентитет.
„Нашата земја е духовен мост и светилник што со векови го чува пламенот на словото“, порача Љутков, нагласувајќи дека македонското духовно и културно наследство продолжува да живее преку јазикот, уметноста и традицијата.
Рим како симболично место на почит кон словенските просветители
Љутков посочи дека Рим, како град во кој се вкрстуваат цивилизации и духовни традиции, претставува симболично место за оддавање почит на сесловенските просветители, чие дело и денес обединува народи преку вредностите на словото, верата и културата.
Тој ја нагласи и улогата на уметноста, посочувајќи дека музиката е универзален јазик што ги надминува границите и ги поврзува луѓето преку емоција и духовност. Според него, настапот на ансамблот „Консонанс“ испратил порака за културен континуитет и богатство на македонската традиција.
Државно-црковна делегација со богата програма во Ватикан и Рим
Чествувањето на Св. Кирил во Рим државно-црковната делегација, предводена од претседателот на Собранието Африм Гаши, го започна со аудиенција кај папата Лав XIV, како и со средба со кардиналот Пјетро Паролин, државен секретар на Светиот Престол.
Во рамки на програмата, во базиликата „Сан Клементе“ беше одржан молебен на гробот на Св. Кирил, а делегацијата ја посети и папската базилика „Санта Марија Маџоре“, каде што беше положен венец на спомен-плочата испишана на македонски јазик.
