-Да го прославуваме заеднички и да ги славиме постоењето и зближувањето на културните традиции, кои на овие простори опстојувале заедно со векови.Заедништвото и грижата која си ја пружаме едни на други се гаранцијата за нашата сигурна и просперитетна, европска иднина. Да ги празнуваме и чествуваме етничките и јазичните различности на нашето општество како наша предност. Како наше заедничко богатство, посочува Заев.
-Со прогласувањето на 22 ноември за Ден на Албанската азбука, додава Заев, и празнувањето на овој значаен празник за албанската заедница како составен дел од јазичното и од културното богатство на Северна Македонија, потврдуваме дека јазикот и писмото се мостови за разбирање меѓу традициите, културите и духовните наследства. На тоа нѐ повикуваат и нашите македонски вредности, кои во исто време се и европски и со кои се движиме на патот на интеграцијата во Европската Унија. Одбележувањето на културните вредности, настани и традиции на сите етнички заедници, вклучувајќи ја и албанската, е во суштината, во основата на нашето мултикултурно општество. Тоа е силен придонес за просперитетна иднина и за благосостојба на сите граѓани, рече Заев.
Тој додава дека нашата определба е да градиме и негуваме општество еднакво за сите и да изградиме граѓанско општество, истовремено со почит кон етничките, националните, верските и културните разлики. Тоа е посебноста и суштината на нашето заедништво што се градеше со векови и што претставува обврска за нашата заедничка иднина.
Заев потсетува дека на денешен ден во 1908 година, во Битола заврши Битолскиот Конгрес на кој се создаде албанската стандардизирана азбука. Конгресот бил свикан на 14 ноември и на него присуствувале делегати од Македонија, од Албанија, и од албанските заедници во Романија, Египет, Америка, Грција, Турција, Италија и други земји.