Министерот за одбрана Владо Мисајловски упати честитка по повод Денот на Баталјонот за почести. Во своето обраќање тој ја истакна професионалноста, дисциплината и посветеноста на гардистите, како и нивната клучна улога во претставувањето на државата.
„Гардистите се првата слика за Македонија и македонската Армија при пречекот на највисоките странски државни и воени делегации“, истакна Мисајловски.
Тој посочи дека зад секој свечен строј и церемонија стојат посветеност, дисциплина, илјадници часови подготовка и силен тимски дух.
Почесната стража, церемониите пред највисоките државни институции и настапите на Воениот оркестар, како што наведува министерот, секојдневно ја претставуваат државата со чест и достоинство.
Мисајловски им го честиташе празникот на сите припадници на Баталјонот за почести, посакувајќи им и понатаму посветено и достојно да ја претставуваат македонската Армија.
