Приведени се вандалите кои ги искршија стаклата на македонскиот клуб Никола Вапцаров во Благоевград, објави Канал 5.
Како што пренесуваат бугарските медиуми, приведени се четири лица – двајца мажи и две жени, сите на возраст од околу 40 години. Како што потврдиле од тамошното МВР сите признале и најверојатно против нив ќе има кривични за хулиганство. Повикувајќи се на извори од истрагата, бугарските медиуми пренесуваат дека се работи за две семејества од Благоевград. Во саботата биле на празнување на денот на виното во село Добрава. Биле празнично расположени, но и револтирани, како што пишуваат медиумите, поради тоа што утрината, на чествувањето на 4-ти февруари, бугарски државјани со часови чекале да влезат во Македонија, па го искршиле стаклото на македонскиот културен клуб.
Информацијата ни ја потврдија и основачите на клубот. Атанас Мазнев за Канал 5 вели дека очекува случајот да биде поскоро расчистен.
„Информацијата е истата и се надевам дека објективна и точна. Очекувам како што македонската страна во случаите кога имаше напад врз бугарските клубови кога македонската полиција бргу и со успех си ја заврши работата, но понижувачки за бугарската полиција која смета дека е европска и на ЕУ, би било понижувачки за неа да остане зад македонската.
Бугарскиот министер за внатрешни Иван Демерџиев, според медиумите, го известил и македонскиот колега Оливер Спасовски од кој настојувал македонските истражни органи во целост да го расчистат случајот со нападот на Христијан Пендиков секретарот на бугарскиот културен клуб во Охрид.
Пендиков откако вчера е пуштен од военомедицинската академија во Софија на домашно лекување, деновиве ќе добие привремен стан во Софија, паричен надоместок и лично обезбедување, соопшти Министерот за надворешни Милков, појаснувајќи дека тој и неговата мајка поради закани стравувале да се вратат во Македонија. Пендиков, според Милков, во најбрз можен рок ќе добие и бугарско државјанство.