Српскиот пратеник Звонимир Стевиќ, кој од камерите бил фатен како во текот на парламентарната расправа за Косово на својот мобилен телефон гледа порно филм, бил принуден на оставката, објави српскиот „Блиц“.

На таквиот „морален чин“, според објавата во весникот го натерал партискиот лидер Ивица Дачиќ.

– Според сознанијата на „Блиц“, веднаш откако утринава во јавноста се појавила снимката на Стевиќ, кој инаку е роден на Косово, или барем така му е наведено во документите, веднаш бил закажан состанок на пратеничкиот клуб на Социјалистичката партија на Србија, на кој дошол и Дачиќ – пишува „Блиц“.

Дачиќ, наводно, кажал дека многу нешта поминал низ годините, но оти досега на доживеал некој да гледа порно филм.

– Ова е скандал и голема катастрофа. Звонко, реално е да поднесеш оставка. Не може веќе да бидеш пратеник зашто ти со ова и не можеш да се носиш. Освен тоа, каде и да се појавиш, што и да кажеш, секогаш ќе биде: „кажал порно пратеник“ – потенцирал Дачиќ.

Дачиќ го прашал својот сопартиец од каде воопшто му дошла идејата да гледа порнографски содржини во парламентот.

Стевиќ пак, наместо да даде објаснување за својот крајно непримерен акт, почнал да зборува како обезбедувањето на парламентот му јавило оти го снимаат од галеријата.

Стевиќ бил член на парламентарниот одбор за Косово и на уште неколку парламентарни тела, како и претседател на партискиот одбор за Косово.