„Црна Гора ги разбира амбициите на Косово да стане членка на Советот на Европа и да добие кандидатски статус за ЕУ, и тоа силно го поддржуваме“, кажа денес претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ по средбата со претседателката на Косово Вјоса Османи во Подгорица.

Ѓукановиќ истакна дека Црна Гора со внимание гледа сè што се случува во преговорите на Белград и Приштина. „Уверени сме дека може да дојде до одржлив договор. Со решавањето на тоа прашање битно би се решила стабилноста на регионот“, кажа црногорскиот претседател.

Османи оцени дека само една земја во регионот не сака добрососедски односи, а тоа е, како што кажа, Србија. „Тоа е единствениот ризик за нестабилност. Стратегиската цел на ЕУ е сите овие земји да станат членки на Унијата бидејќи само така може да се оствари мир во регионот“, смета косовската претседателка и додаде дека рускиот претседател Владимир Путин го нарекува Косово привремен проект.

„Црна Гора и Косово се суверени држави и јасно посветени на патот кон членство во ЕУ. Ќе продолжиме да работиме со цел решавање на прашањето на нашето болно минато. Ќе продолжиме по патот на мирот и стабилноста“, кажа Османи.

„Поддршката на Ѓукановиќ се покажа многу пати до сега. Немам дилема дека поддршката од Црна Гора ќе продолжи“, истакна косовската претседателка која е во дводневна посета на Подгорица. Според последниот попис на населението, во Црна Гора има едвај пет отсто албанско население.

Во црногорскиот парламент Албанците имаат двајца пратеници, а министерот за човечки и малцински права е Албанец. Техничкиот премиер Дритан Абазовиќ се изјаснува како Албанец и е првиот припадник на малцинствата на чело на црногорската влада.