Четвртото издание на традиционалниот настан посветен на буковската пипер „Вкусот на Буково“ денеска ќе се одржи во битолското село Буково.
Манифестацијата е во организација на „Президиум Буково“, а со финансиска поддршка на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Слоу Фуд Македонија, Месна заедница Буково и Концепт продукција.
По три успешни изданија на „Вкусот на Буково“ и двегодишна пауза ќе се одржи четвртото издание на кое, како што се наведува, домаќините и овој пат ќе ве пречекаат со богата трпеза во која буковската пипер пак замешала прсти.
Како што соопшти организаторот, октомври не е случајно избран за месец за одржување на овој настан бидејќи ова е периодот на пикот на бербата на буковската пиперка.
– Нема двор на производител, а да не е накитен со низи црвени пиперки кои се поставени на стреите од куќите за нивно природно сушење кое претставува и првиот чекор за производство на зачинот буковска пипер. Селото Буково се смета за едно од ретките места кои се благословен со божји дар и го имаат ова непресушно богатство од жолто-златно семе кое производителите „себично“ го чуваат за наредната година. Од ова автохтоно семе се произведува највкусниот зачин по кој Буково е познато уште и како татковина на најдобриот црвен пипер. Не е лут, ама има неповторлив пријатен мирис и вкус, посочуваат од „Президиум Буково“.