Горан Костовски – Чиз или Дејан Ристовски – Риле: Кој ќе биде кандидат на Левица во Аеродром?

Советникот во општина Аеродром, Горан Костовски – Чиз, ѕвезда на социјалните мрежи и неприкосновен шампион на мемиња и мудрост е најсериозниот кандидат на Левица за градоначалничката фотелја во оваа скопска општина, дознава Радио Лидер од висок партиски извор.

Сепак, партискиот лидер Димитар Апасиев притиска за Дејан Ристовски – Риле.

Огранокот на Левица во Аеродром согласен: само Чиз може да ја спаси ситуацијата од политичките метеори што летаат по партијата. По заминувањето на браќата од Пука Козметика и Весна Кираџиева – токму Чиз остана единствениот што со неговата скромност и аскетска посветеност на каузата претставува инспирација за сите.

Нашиот извор вели:

„Кај младите, Чиз има популарност што може да се мери само со TikTok алгоритам – не само што го засенува Апасиев, туку и локалните инфлуенсери му завидуваат. Тоа е човекот што на политички митинг ќе собере река народ кој во еден глас ќе го скандира неговото име“

Кој е Горан Костовски – Чиз?

Горан Костовски – Чиз, познат и како „политичкиот патоказ со хумор на стендап комичар и сериозност на шаховски гросмајстор“, не е само политичар – тој е појава. Човек што влегува во просторија и веднаш се менува атмосферата: од пасивна апатија до активен левичарски ентузијазам.

Според нашите информации, партискиот врв, соочен со кармичка дилема, сепак се колеба. Лидерот Апасиев, во страв дека Чиз му ја краде славата (и лајковите), активно лобира за кандидатурата на Дејан Ристовски – Риле.

Но, членството е категорично. За нив, постои само еден кандидат за градоначалник: Чиз – визионер, реформатор и единствениот човек што може истовремено да направи партиска анализа и да те насмее до солзи. Вистински левичар со харизма на рок ѕвезда и политичка острина.

Кој ќе се судри за градоначалник на Аеродром? – Митески фаворит, во СДСМ се уплашени од Чиз

ВМРО-ДПМНЕ со највисок рејтинг

Сепак, извесно е дека ВМРО-ДПМНЕ има највисок рејтинг и веројатно е дека нивниот кандидат повторно ќе биде градоначалник на Аеродром. Според шпекулациите, партијата на Мицкоски во оваа општина ќе оди со сегашниот в.д. градоначалник Дејан Митески.