Инвеститор на зградата во Кисела Вода каде загина работник е поранешниот градоначалник на Општина Аеродром, Ивица Коневски. Тој во изјава за САКАМДАКАЖАМ.МК посочи дека земјиштето е во сопственост на неговото семејство, додека изградбата ја реализира фирмата „Јакимовски ДООЕЛ“.

„Трагедија е ова што се случи. Фирмата ‘Јакимовски ДООЕЛ’ има долгогодишно искуство, сите постапки се почитувани и обезбедени се сите одобренија за градба. Најверојатно дошло до ненадејно излизгување на земјиштето, по што се случила несреќата“, изјави Коневски.

Еден загинат и тројца повредени на градилиштето

Во несреќата животот го загуби еден градежен работник, додека тројца беа повредени откако биле затрупани од земја при ископ на темели. Повредените се пренесени во Ургентниот центар, каде едниот е со скршеници, а другите двајца се со полесни повреди, информира директорот на ТОАРИЛУЦ, д-р Игор Мерџаноски.

Од Итната медицинска помош, д-р Драган Панов изјави дека според првичните информации, настраданите се на возраст меѓу 35 и 45 години, додека загинатиот работник имал 34 години. „Интервениравме со четири амбулантни возила“, посочи Панов.

Институциите на терен, во тек е истрага

Од МВР соопштија дека случајот бил пријавен во 08:17 часот во СВР Скопје, при што на градилиште на улица Козјак биле затрупани работници за време на ископ. Дел од нив биле извлечени и транспортирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, додека спасувачките служби координирале акција за извлекување на останатите.

Од Министерството за здравство информираа дека тројцата повредени се хоспитализирани, при што двајца имаат полесни повреди, а третиот е со скршеници на двете потколеници и една натколеница. Нивната здравствена состојба се следи и продолжува медицинскиот третман.