Грабеж во златарница лоцирана на улицата „11 Октомври“, во строгиот центар на Куманово, бил пријавен денеска во 12:32 часот во Секторот за внатрешни работи Куманово. Според првичните информации од пријавата, неколку лица насилно влегле во објектот и одзеле поголема количина на златен накит. Од полицијата информираат дека се преземаат сите потребни оперативни мерки за пронаоѓање на сторителите и за расчистување на настанот.

Грабежот веднаш наиде на остра реакција од претседателот на Регионалната занаетчиска комора Куманово и на Занаетчиската комора на Македонија, Агрон Фазлији, кој истакна дека семејната златарница работи непрекинато веќе три децении. Тој нагласи дека секој занаетчија што го отвора својот дуќан има апсолутно право на сигурност и безбедност при работата.

„Среде бел ден, во срцето на нашиот град, Куманово беше ограбена златарницата на мајсторот Абдулрахим, чие семејство веќе 30 години со посветеност се занимава со златарскиот занает. Срамно е едно семејство што со чесна работа го изградило своето име да се соочи со ваков тежок удар, токму во време кога занаетчиите се борат за секоја нарачка и за секој клиент“, наведува претседателот.

Фазлији апелираше до полициските и обвинителските органи итно да преземат дејствија за приведување на сторителите и за нивно законско санкционирање. Тој истовремено побара воведување конкретни мерки за заштита на дуќанџиите, стопанствениците и вработените, особено во фреквентните трговски зони во центарот на градот.

„Секој што наутро го отвора својот дуќан има право да се чувствува безбедно на своето работно место“, порача претседателот на комората.