Проекциите на Државниот завод за статистика покажуваат дека земјава годишно ја напуштаат по 12 илјади луѓе, а до 2070 година може државата да падне на 1,25 милиони луѓе.
На претходниот попис на 5 септември 2021 година вкупното резидентно население на Република Македонија, изнесуваше 1.836.713 жители. Според денешните пресметки на ДЗС, со ваквиот фертилитет до 2035 година населението ќе се намали на 1.531.748 жители.
Оваа, втората проекција на населението од осамостојувањето, после 1998-ма година дава поразителни демографски резултати.
Дванаесет илјади лица од земјава годишно мигрираат. За надлежните да носат стратегии кои се засноваат на податоци, ДЗС презентираше податоци за населението во земјава до 2070-та година. Според резултатите, не можеме да очекуваме подобрување на демографската состојба во земјава во догледно време.
Покрај надворешната, присутна е и внатрешната миграција, од село во град и од помалите градови во Скопје. Ако продолжи трендот на иселување ќе треба да увезуваме работна сила.
Иселувањето не е само од финансиски причини, туку поради присуство на корупција пред сè, но и социјалните разлики, нееколошка животна средина, вели претседателот Пендаровски порачувајќи, за да нема иселување во европските земји треба европските вредности да ги донесеме во земјава.
Едно од клучните решенија за иселувањето е што поскоро интегрирање со ЕУ.
Во однос на ова прашање со огласи претседателот Пендаровски.
„ДЗС врз основа на резултатите од Пописот 2021 изготви проекција според која населението до 2030 би се намалило на 1,3 милиони. Од трите клучни елементи, стапката на фертилитет, морталитет и миграција, најзагрижувачки е третиот. Барем засега, кај нас најзагрижувачки е стапката на иселување, а не стапката на фертилитет“, вели претседателот.
Претходно, пописот од 2021-ва ги даде овие резлутати. Според возрасната структура, најголем процент од населението 7% – се во возрасната група од 40-44 години. Куриозитет е што во Северна Македонија е попишанo 51 лицe на возраст над 100 години. Според изјаснувањето за етничка припадност, 58.44 % проценти од населението се изјасниле како Македонци, 24.30 % проценти како Албанци, 3.86 % како Турци, 2.53 % како Роми, 0.47% како Власи, 1.30% како Срби и 0.87% како Бошњаци и др.
Според религиската припадност 46.14 % се изјасниле како православни, 32.17 % како муслимани (ислам), 0.37 % како католици, а во овој Попис се појавија и други религиски заедници кои ги немаше во претходните пописи, а тоа се: евангелско протестантски христијани, агностици, будисти и други.
61.38 % од попишаното население се изјасниле дека мајчин јазик им е македонскиот, 24.34 % албански мајчин јазик, 3.41 % турски, 1.73 % ромски, 0.17 %, влашки, 0.61 % српски и 0.85 % босански јазик.
Бројот на домаќинства изнесува 598 632, а просечниот број на членови на домаќинствата изнесува 3.06.
Во рамките на Пописот 2021 беше овозможено македонските државјани кои живеат и престојуваат во странство повеќе од една година да се самопопишат преку веб-апликација која беше достапна на веб-страницата за Попис.
Оваа можност ја искористија 258 932 наши сонародници од кои 24.55 % се изјаснија како Македонци, 66.42 % како Албанци, 4.78 % како Турци и др. Оваа категорија граѓани не влегува во вкупното резидентно население на Република Северна Македонија.
Мноштво детални податоци од Пописот 2021 можете да најдете во Макстат базата на податоци на веб-страницата www.stat.gov.mk каде што во наредниот период ќе се објавуваат сетови на табели со податоци од Пописот 2021.