Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во последното деноноќие се регистрирани вкупно 23 пожари на отворен простор од кои три сè уште се активни, шест се ставени под контрола и 14 се изгаснати.

Како што соопшти ЦУК, на единствениот повикувачки број за итни случаи 112, во изминатите 24 часа, имало вкупно 2 563 повици.

„Трите пожари на отворено, кои сè уште се активни, се лоцирани во Општина Македонски Брод, во пределот кај с. Тажево – с. Брезница – крак кон ЈП ‘Јасен’, вториот активен пожар е на територија на две општини – Општина Демир Хисар и во Општина Охрид, на Илинска Планина, во реонот кај селата Витово, Базерник, Мало Илино и Брежани и третиот активен пожар е, исто така, на територијата на две општини – во Општина Дојран и Општина Богданци во реон кај с. Фурка кон Богданци“, велат од ЦУК.

Ова се локациите на шесте пожари на отворен простор што се ставени под контрола:

Општина Пробиштип, с. Зелениград – с. Јамиште

Општина Македонски Брод, с. Слатина

Општина Охрид, Галичица

Општина Охрид, села Косел – Расино – Опеница – Вапила

Општина Пласница, с. Пласница (изгаснат) – с. Латово (активен)

Општина Делчево, депонија Делчево

Изгаснатите 14 пожари на отворено биле во општините Кичево, Брвеница, Боговиње, Гостивар, Богданци, Прилеп, Неготино, Старо Нагоричане, Василево, Валандово, Студеничани, Ѓорче Петров, Зелениково, како и во Општина Студеничани.