Извршниот директор на Фејсбук Марк Цукерберг денеска претстави голем број нови концепти, и најави дека компанијата ќе го промени името во Мета.
Социјалната мрежа ќе го задржи своето име, а отсега компанијата Мета ќе биде сопственик на три големи брендови: Facebook, Instagram и WhatsApp.
Ребрендирањето би можело да биде дел од обидот да се спаси угледот на Facebook, и да се оддалечи компанијата од бројните скандали кои се случија неодамна, коментираат светските медиуми.
– Знам дека некои луѓе ќе речат дека ова не е време да се фокусираме на иднината и сакам да нагласам дека има важни прашања на кои треба да се работи сега. Секогаш ќе има, рече Закерберг за време на конференцијата за виртуелна и проширена реалност.
Тој рече дека не е сигурен дека за многу луѓе некогаш ќе биде добро време да се фокусираат на иднината.
– Но, исто така знам дека има многумина од вас кои се чувствуваат исто како и јас. Живееме за она што го градиме. Иако грешиме, продолжуваме да учиме и да градиме и да одиме напред, нагласи Цукерберг.