Според неа, во рок од шест месеци по имунизацијата против коронавирусот, може да бидеме сигурни дека постои заштита од Ковид-19, но може да се очекува тој временски период да биде и подолг.
– Се надеваме дека ќе нема потреба од повторни ревакцини, меѓутоа не можеме со сигурност точно да го кажеме тоа само ради моментот со она што го гледаме се мутациите кај вирусот и не знаеме во која насока ќе се движат во наредниот период и дали вакцините ќе бидат доволно ефикасни. Меѓутоа, тоа времето ќе покаже дали ќе има навистина потреба од тоа или не – потенцира д-р Киријас.
Таа нагласува дека присуство на антитела во организмот значи заштита од Ковид-19 и не е важна колкава бројката на антитела, бидејќи заштитата не е само од нив, туку е важен и клеточниот имунитет којшто останува како меморија.
– Така што лицата ќе имаат и антитела и клеточен имунитет. Колку долго ќе трае, ќе видиме. Засега немаме податоци, меѓутоа секако се очекува дека една година ќе трае тој имунитет – додава д-р Киријас.
Во врска со досега познатите нус појави по вакцинацијата, освен ретката појава на поврзаноста на појавите на згрутчување на крвта и вакцината на „Астра Зенека” што ја потврди и Европската агенција за лекови (ЕМА), Киријас вели дека во САД по примањето на вакцината на „Фајзер” се регистирани и појави на минлив фацијалис, а имало и случаи со тромбози, меѓутоа не е потврдено дали тие се причинско-последично поврзани или не.
– Претпоставувам дека и за другите, зависно колку внимателно се следат ќе дознаваме нови и нови информации ако навистина има такви или ќе останеме само на оние очекувани несакани реакции – ден до два после апликација на вакцините – додава Киријас.
Таа нагласува дека официјалните препораки се дека вакцинацијата и ревакцинацијата треба да бидат со истиот тип вакцина, бидејќи се уште не се знае колкава би била ефикасноста и што би можело да се очекува доколку првата и втората доза да бидат од различни производители,
– Претпоставувам дека во наредниот период кога ќе имаме информации, препораките ќе се менуваат. Меѓутоа, во моментов препораката стои дека и втората доза (на вакцината) треба да биде од истиот производител – потенцира Киријас.
Во однос на забелешките на антиваксерите е дека мРНК-вакцините, во кои спаѓаат оние на „Фајзер” и „Модерна” можат да ќе предизвикаат промена на ДНК-та на примателот, д-р Киријас нагласува дека ваквите тврдења немаат логика и тоа биолошки не е можно.
– Таа мРНК влегува во цитоплазмата на клетката и тука останува. Тука од таа мРНК се создава протеин, а ДНК се наоѓа во јадрото на клетката. Јадрото, како што знаеме сите, е обиколено со мембрана, значи не може ни да навлезе таму оваа мРНК, ниту некако да се врзе. Таа останува во цитоплазмата, се создава протеинот и таа се распаѓа. Таа е нестабилна молекула. Значи, не може никако да дојде ниту до ДНК, ниту да се вгради во неа, тоа се тотално неосновани тврдења – нагласува Киријас.