Светското првенство штотуку го доби својот шампион, а фудбалскиот свет веќе го тресе голем скандал. Меѓународното советодавно тело „Group of Copenhagen“, специјализирано за откривање и спречување местење натпревари, објави извештај во кој наведува дека дури седум ситуации од штотуку завршениот Мундијал биле означени како сомнителни и поврзани со нерегуларности на обложувалниците.
Како што пренесува The Athletic, сомнителните обрасци на обложување активирале аларми кај надлежните служби ширум светот.
Еден од најнеобичните податоци во извештајот се однесува на американската крипто-платформа Polymarket, каде што биле уплатени 4,8 милиони долари на исходот дека Шпанија нема да ги победи Зеленортските Острови. Натпреварот, спротивно на очекувањата, заврши без голови (0:0).
Под истрага се и поништениот гол на Феран Торес во победата на Шпанија над Саудиска Арабија (4:0), како и вториот црвен картон за Јужноафриканецот Темба Сване на натпреварот против Мексико, добиен во 84. минута.
Сепак, случајот што предизвикува најмногу внимание е оној со американскиот напаѓач Фоларин Балогун. Нему непосредно пред осминафиналето против Белгија му беше експресно укинат црвениот картон што го заработи на натпреварот против Босна и Херцеговина.
Според извештајот, особено сомнително е тоа што Polymarket уште на 2 јули им поставил прашање на своите корисници дали Балогун ќе настапи против Белгија, иако ФИФА официјално ја укинала неговата суспензија дури на 5 јули.
Поради тоа, Group of Copenhagen испратила официјално барање до ФИФА да објасни како информацијата за укинувањето на казната била позната во круговите на обложувачите пред да биде донесена официјалната одлука.
Додека истражителите од групата од Копенхаген тврдат дека постојат јасни докази за можни манипулации, од ФИФА пристигнува поинаков став. Работната група за интегритет на светската куќа на фудбалот соопштила дека „не биле забележани сомнителни активности ниту индиции за манипулација со резултатите“.
Колку обложувањето станало голем дел од фудбалската индустрија покажува и податокот дека за време на ова Светско првенство ширум светот биле уплатени околу 240 милијарди долари во обложувалници, што е речиси двојно повеќе во споредба со претходниот Мундијал во Катар.
