Читам јас денеска, (да, топ фан сум им на страниците), топ вест од СДСМ , партиско соопштение „(Документ) Еве ја Резолуцијата, ќе ја потпише ли ДПМНЕ или не?“
Пишува: Наум СТОИЛКОВСКИ
Еј, си велам, конечно излезе Резолуцијата за Илинден, најавена пред две години, откако избегаа од Резолуција за Гоце, како непотребна!
Нормално, си се изнасмеав во себе. Знаев дека Венко Филипче во име на СДСМ поднесува Резолуција без глагол, во којшто „ја брани“ Македонија од мигранти. Замислете Венко пишал „Се спречува трговија со човечки судбини“!? Човекот што тргувал со човечки судбини среде пандемија, преку „прокси“ фирмички мислел на провизии за вакцини од Кина? Или, мислел на трговија со човечки судбини при градење на лесно запалливи шупи наречени модуларни болници? Или, можеби не е трговија со човечки судбини гаснењето на системот на Онкологија и трговијата со цитостатици? Да се чудиш. И на темата и на содржината.
Затоа, пак, венковата директива во спас од мигранти се шири во општините па се бара вонредни седници во советите со една точка „Информација за можноста за згрижување на одбиени баратели на азил од Велика Британија во нашата општина“. Како се сетиле, а? Инвентивно. Сега очекувам жестока дебата во советот, да речеме, на Зрновци, покрај оваа точка седницата да се дополни и со точка „Информација за можноста за згрижување на вонземски форми на живот и аспекти од екстратерестријални закани по општината по можноста за детектирање на екстратерестријални ласерски пулсови од KIC 8462852“. Па зошто да не, и едното и другото се во сферата на научната фантастика.
Шегата настрана, малку сега и за медиумот и гостинот во британската дебата што така ревносно се преведува и користи за ширење паника во Македонија од страна на СДСМ. Овој дел не е научна фантастика, туку реален шпионски трилер.
Прво, Џи Би Њуз (GBNEWS) е меѓу поновите британски медиуми, од 2021 година, познат како ПРВ медиум со политичка ориентација, канал на радикалната десница. Значи, да, кажаното има заднина за внатрешна употреба. И да, врзан е за опцијата предводена од Најџел Фараж, којшто и самиот е впишан како водител на емисии во прајм- тајм. Ова повеќе за Венко и ширачите на веста.
Второ, Џи Би Њуз (GBNEWS) е ЕДИНСТВЕН медиум, канал во Велика Британија, која има МИНУСНО салдо на доверба. Односно, е канал со најмала доверба кај гледачите, измерено во 2025 година. Дури 44% од гледачите изразиле недоверба кон информациите од каналот.
А сега доаѓаат најинтересните точки.
Трето, компаниите коишто стојат зад каналот, едната е со седиште на Бермуда, а потоа се вклучува и компанија со седиште во Дубаи. Ви текнува!?
Четврто; На крајот е шлагот, за политичарот Бари Гардинер, што ја објаснува идејата за неуспешните мигранти во Македонија, ликот што е „алфа и омега“ идеолошки творец на редовните прес конференции на Венкота. Бари Гардинер од британски Тајмс е опишан како редовен примач на огромни пари во кеш, некаде над 425.000 фунти донации од 2009 до 2017 година од компанија на Кристин Ли, компанија правен застапник на кинеската амбасада во Лондон. Синот на Ли потоа се вработува во Парламентот во канцеларијата на Гардинер. Па се додава: Во јануари 2022 година, британската МИ5 го прогласува Ли за агент кој работи за оддел на Кинеската комунистичка партија, кој тајно бил „вклучен во активности за политичко мешање во Велика Британија“. Синот на Ли останал вработен во изборната канцеларија на Гардинер сè до декласификацијата на документот од МИ5. Според британските медиуми, Гардинер генерално заземал про-кинески позиции во неговото делување.
И сега?
Британски политичар „со кинески врски“ и пари, во десничарски медиум на Најџел Фараж, воден од фирми од Бермуда и Дубаи, соопштува наводен план за населување мигранти, одбиени за азил од Британија, а Венко тоа го зема и го втурнува СДСМ во ширење параноја врз основа на „планот“?
Дали може да заклучиме дека Венко политиката и иднината на СДСМ ја води според политиката на крајно десничарскиот Најџел? Или политиките му ги крои кинеска врска платена половина милион фунти? Или можеби заиграл „третиот човек“ од Дубаи? Дали целта е СДСМ, покрај партнерот Левица во оваа хистерија, да станат кинеска испостава за ширење на анти-ЕУ наративи? Кој, навистина, во заднина му ја крои политиката и делувањето на Венкота?
Премиерот Мицкоски, владата, министерот Муцунски, министерот Тошковски, британскиот амбасадор Лосон, британската амбасада, сите велат- нема таква тема. Венкота и понатаму шири паники и ја подрива државата и општеството ширејќи ксенофобични паники. Како да се докажеш со ваков човек?
Гледајќи телевозија, и покрај различните политички погледи со него, морам да се сложам со Емил Кирјаз којшто за пристапот на Венко и на некогаш партијата СДСМ порача „Како не им е срам да се погледнат во огледало“.
Не би додал ништо повеќе.
