Мал е процентот на оние кои ја имале првата алфа варијанта на коронавирусот да се заразат со нова делта варијанта бидејќи студиите што се достапни покажуваат дека имунитетот стекнат со прележување на болеста или со целосно вакцинирање е прилично ефикасен, рече д-р Александар Петличковски во одговор на новинарско прашање на денешната трибина на тема „Вакцинација и предизвици со Ковид-19“.

Петличковски објасни дека ефикасноста се мери на неколку нивоа, првото е инфективноста на делта варијанта кон прележани или имунизирани лица, второ е тешка болест и трето е исход од болеста. Како што вели, за тешките форми на вирусот и хоспитализација е јасно дека имунитетот во голем дел штити од повторна зараза.

– Немам видено сериозни студии со многу испитаници што ќе пресметаат и ќе укажат колкав процент од заболените навистина имале прележано претходно, но очекувам тој процент да биде многу мал, односно под пет проценти, заклучи Петличковски.

Д-р Драган Данаиловски надоврзувајќи се на прашањето, истакна дека досегашните искуства со делта варијантата во Велика Британија и Израел покажуваат дека 95 проценти од сите заболени се во категорија на невакцинирани или вакцинирани со една доза, а во категоријата на невакцинирани лица се претежно млади лица кои, како што вели, имаат малку отпор кон вакцинирањето и се оставени без заштита.

– Сега целиот свет е всушност во фаза четири, што значи на општата популација се евалуира, мери и идентификува дали ќе се појават одредени несакани ефекти што во третата клиничка фаза не можеле да се појават бидејќи таму биле 30-50 илјади испитаници. Сега се во прашање десетици милиони и стотици милиони население. И вакцинираните со две дози не се дефинитивно сто проценти заштитени во заразување, видовме информација од Уругвај дека стапката на заштита од Фајзер е 78 отсто во стекнување на вирусот, но има 22 проценти ризик да се зарази и со две дози вакцина, процентите се слични и во други земји, објаснува Данаиловски.

Тој напомена дека најважно од се е што сите вакцини нема да дозволат тешки симптоми и умирање од вирусот.