Полицијата соопшти дека жртвите на вчерашното пукање во шопинг молот во Копенхаген се двајца дански 17-годишници и 47-годишен руски државјанин. Двајца Данци и двајца Швеѓани, пак, се во критична состојба во болница.

22-годишен маж, опишан како „етнички Данец“, беше уапсен неколку минути по пукањето во трговскиот центар Филд. Тој имал проблеми со менталното здравје и нема индикации за терористички мотив, рече началникот на полицијата Сорен Томасен.

Премиерката Мете Фредериксен рече дека Данска претрпе суров напад. Таа рече дека сака да ги охрабри Данците да застанат заедно и да се поддржуваат еден со друг во ова тешко време. „Нашиот убав и обично толку безбеден главен град беше сменет за дел од секундата“, рече таа.

Смртоносниот напад во трговскиот центар се случи додека Данска славеше како домаќин на првите три етапи на Тур де Франс за прв пат. Осомничениот имал пушка и муниција кога бил уапсен, соопшти полицијата.

Тие немаат индикации дека биле вмешани други напаѓачи и ги повикаа сопствениците на продавниците да ги зачуваат сите снимки од видео надзор што би можеле да ги имаат.

Трговскиот центар Филдс има повеќе од 140 продавници и ресторани. Тој се наоѓа на периферијата на Копенхаген, веднаш спроти линијата на метрото што се поврзува со центарот на градот.

Очевидци зборуваат за паника меѓу купувачите додека одекнувале истрелите.

Набргу по пукањето, данското кралско семејство објави дека е откажан приемот што требаше да го приреди престолонаследникот Фредерик по повод првите три етапи на Тур де Франс.

Данска последен пат забележа голем терористички напад во 2015 година, кога две лица беа убиени, а шест полицајци беа повредени при напад на културен центар и синагога во Копенхаген. Вооружениот напаѓач подоцна беше убиен во престрелка со полицијата.

Земјата има некои од најстрогите закони за оружје во Европа, со лиценци за поседување огнено оружје обично достапни само за лов или спортско пукање по проверка на дозволата – и со речиси целосна забрана за автоматско оружје. Носењето огнено оружје на јавно место е строго забрането. (Би-Би-Си)