Данската принцеза Изабела го започна воениот рок, откако неодамна наполни 18 години. Таа е меѓу првите жени кои ја започнаа продолжената задолжителна воена служба во Данска, откако земјата воведе регрутација и за жени.

Изабела пристигна во касарната Антворсков во Слагелсе, на островот Зеланд, каде што во следните 11 месеци ќе служи во Гардскиот хусарски полк. Како најстара ќерка на данскиот кралски пар, таа е меѓу околу 1.600 млади луѓе кои ја започнаа воената служба.

Данска минатата година воведе задолжителна воена служба и за жените, а поради зголемената загриженост за безбедносната состојба во Европа, времетраењето на службата беше продолжено од четири на 11 месеци.

Земјата воведе регрутација за жени постари од 18 години, но продолжува да регрутира само дел од секоја возрасна група.

Принцезата Изабела не е првиот член на данското кралско семејство кој служи во Слагелсе. Нејзиниот брат, престолонаследникот Кристијан, исто така го отслужи својот воен рок во оваа касарна, а потоа минатото лето започна обука за чин поручник.

Според „Шпигел“, Изабела со своето стапување во воената служба станува дел од новата генерација регрути во Данска, во рамки на промените на системот за задолжителна воена служба.