Елведин Пезиќ, исламски проповедник од Босна и Херцеговина кој во август минатата година одржал верски настани во Струга и Октиси, е протеран од Косово откако на 13 август бил приведен непосредно пред планираната промоција на книга во Витомирица кај Пеќ. Косовските власти досега не ја соопштиле конкретната причина за протерувањето.
Пезиќ на Косово требало да одржи уште две трибини, во регионот на Исток и во Призрен. По приведувањето, на 14 август бил протеран и преку граничен премин со Црна Гора ја напуштил територијата на Косово.
Исламската заедница на Косово соопштила дека не била информирана за неговото доаѓање и дека не дала дозвола или согласност за неговите верски активности. Од институцијата посочиле дека за секоја верска активност во верски или други простории е потребно одобрение од надлежната верска заедница.
Точната правна основа за протерувањето, сепак, останува непозната. Радио Слободна Европа побарало објаснување од косовската полиција, но до објавувањето не добило одговор. Поради тоа, тврдењата дека Пезиќ бил протеран конкретно поради ширење одредена идеологија не можат да се сметаат за официјално потврдена причина.
Пезиќ гостувал во Струга и Октиси
Проверката на неговите претходни активности покажува дека Пезиќ гостувал во струшкиот регион. На 8 август 2025 година, во организација на Фондацијата „Зеќат“, тој бил најавен како предавач на два верски настани.
Првиот бил хутба во Долна џамија во Октиси, а истиот ден во 21 часот била организирана јавна трибина во спортската сала „Тими“ во Струга. Настаните биле најавувани и преку неговите профили на социјалните мрежи со повик до граѓаните да присуствуваат. На интернет е достапна и снимка од неговото предавање во Долна џамија во Октиси.
Пезиќ не е имам на конкретна џамија, туку независен исламски проповедник и верски предавач со голема публика на интернет. Организаторот на неговиот неодржан настан на Косово, Реџо Којиќ, за медиумите изјавил дека Пезиќ не е имам во ниту една џамија. Радио Слободна Европа го опишува како еден од конзервативните проповедници кои себеси се определуваат како салафии.
Познат по конзервативните ставови за жените
Пезиќ е роден во 1977 година во Травник, а образование стекнувал во Обединетите Арапски Емирати, Јордан и на Исламскиот универзитет во Медина. Во 2023 година на Факултетот за исламски студии во Нови Пазар одбранил докторска дисертација поврзана со електронската трговија и мрежниот маркетинг од аспект на исламското право. Со години е активен преку предавања, книги и социјални мрежи, каде има стотици илјади следбеници.
Особено остри реакции предизвикале неговите ставови за положбата на жените. Во видео објавено на интернет, Пезиќ зборува за ситуација во која мажот, според неговото толкување, може да ја удри сопругата и тоа го опишува како трета „воспитна метода“, откако претходно не успеале разговорот и ускратувањето интимност.
Во истото видео тој објаснува дека ударот не треба да биде во лице, да остава модринки или други видливи траги. Неговите ставови и повторените објави на оваа тема предизвикале реакции во Босна и Херцеговина.
Пезиќ предизвикал полемики и со ставот дека западното општество морално се урнало кога жената излегла од домот и станала, како што тој формулирал, нешто друго освен мајка. Во други свои објави зборувал и за ограничувања во начинот на кој жените треба да се облекуваат и да се појавуваат во јавност.
Случајот со неговото протерување од Косово сега повторно го стави неговото дејствување во центарот на вниманието, особено поради фактот што само една година претходно тој одржувал верски предавања и во струшкиот регион.
