Мет Дејмон откри дека неговото враќање во семејниот живот по повеќемесечното снимање на филмот „Одисеја“ било тешко бидејќи неговото семејство научило да функционира без него. Оваа искрена приказна ја сподели во заеднички разговор за списанието „Пипл“.

Дејмон за темата разговараше заедно со својот колега Џон Легуизамо во пресрет на премиерата на најновиот филмски проект режиран од Кристофер Нолан.

Актерот и неговата сопруга Лусијана имаат четири ќерки: Алексија, Изабел, Џија и Стела, кои и претходно знаеле да го придружуваат на снимањата. Сепак, филмот „Одисеја“ се снимаше на локации низ Мароко, Грција, Италија, Шкотска, Исланд, Западна Сахара и Малта, како и во Лос Анџелес, поради што тој овој пат помина најмногу време одвоен од најблиските.

„Семејниот систем што го оставив зад себе мораше да научи да функционира без тебе, а потоа мора повторно да го пронајдеш своето место. Со години, децата беа со мене. Патувавме како семеен циркус. Овој пат бев отсутен повеќе од кога било. Кога заврши нивното училиште, тие можеа да дојдат“, се присети Дејмон.

Тој нагласи дека секое враќање дома претставува посебен предизвик за филмските работници, истакнувајќи дека актерите во меѓусебните разговори тој период често го нарекуваат „повторно влегување“.

Легуизамо, кој има две деца со сопругата Жастин Маурер, целосно се согласи со ваквиот опис на реалноста.

„Повторно си како цивил. Повторното влегување е тежок процес бидејќи семејството се навикнало да не си таму, а сега си тука и сакаш да разговараш и да се дружиш“, рече Легуизамо.

Според неговите зборови, додека трае отсуството секој си гради сопствено секојдневие, па по враќањето децата имаат часови и други однапред планирани обврски. Дејмон низ шега додаде дека родител во такви околности лесно може да биде изненаден дури и од сознанието дека неговото дете почнало да свири виолончело.