Случувањата на политичката сцена во Србија претставуваат директен резултат на долготрајниот недостаток на квалитетна понуда од страна на опозициските партии. Ова го истакна универзитетскиот професор и поранешен вицепремиер за евроинтеграции Васко Наумовски за време на гостувањето во поткастот на Курир.

Наумовски посочи дека анализите на меѓународните платформи со право ги опишуваат изборните случувања во соседната земја како специфичен општествен процес.

„Во суштина, можеме и така да го опишеме затоа што се работи за една состојба во која што во една држава во која постои одредено незадоволство од власта која што е во таа позиција повеќе од 12-13 години, се дојде до создавање на движење во кое, според мене, беше резултат на недостатокот на понудата што ја имаа српските опозициски партии. Затоа што, во една вообичаена ситуација, кога имате незадоволство од власта, имате подобра понуда од опозицијата, логично е опозицијата да освои повеќе гласови и да дојде до промена на власта“, рече Наумовски.

Тој понатаму анализираше дека поради пасивноста и слабиот ангажман на српските опозициски партии, наметната била потребата да се појави сосема нова структура со која незадоволните граѓани би можеле да се идентификуваат.

„Имајќи предвид дека онаа традиционална, идеолошка поделба на партиите во Србија можеби не беше толку изразена и од партијата која што е на власт, практично се работеше за една партија која што се обидуваше да освои што е можно повеќе гласачи од различни идеолошки провиниенции и немаше типична десница или типична левица и од другата страна се создаде едно движење кое што беше прилично хетерогено. Имаше и екстремна десница и левица, поборници за различни ситуации. Според мене, во ова движење има приврзаници кои се на спротивните страни на една идеја. Единствениот нивен најмал заеднички содржател беше идејата да се собори власта на Александар Вучиќ“, анализира Наумовски.