Дел од учениците во Софија, Бургас и Благоевград од денеска ќе учат онлајн. Учениците од 5, 6, 8, 9 и 11 одделенија во Софија и Бургас од 24 јануари една недела ќе учат онлајн, поради ширењето на омикрон варијантата на коронавирусот во Бугарија.
Наставата ќе се одржува од далечина за сите ученици од 5-то до 12-то одделение во областа Благоевград, соопшти бугарското Министерство за образование. Дописникот на МИА од Софија јави дека министерот за образование и наука на земјата Николај Денков издал наредба за организирање онлајн настава по барање на регионалните здравствени инспекторати во трите области на Бугарија.
Другите ученици ќе останат во училиште доколку имаат „зелен сертификат“ или се тестираат еднаш неделно. За децата од прво до четврто одделение учењето ќе биде со присуство бидејќи тогаш се градат навики за учење и стекнување основни знаења. За 7, 10 и 12 одделение претстојат важни испити по републичко екстерно оценување и матура.
Онлајн наставата ќе трае до 28 јануари. После тоа сите ученици и наставници ќе одат на одмор. Наставата ќе продолжи на 7 февруари, во зависност од инструкциите на здравствените власти на Бугарија.
Во моментов, бројот на болни учесници во Софија од Ковид-19 е 3,09 отсто, што е речиси двојно повеќе од просекот во Бугарија од 1,71%. Болните наставници во Бугарија се 5,68 проценти наспроти проскот од 4,4 отсто.