Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска учествуваше на сесија посветена на женското лидерство во услови на глобална неизвесност, во рамки на Годишниот самит „Конкордија 2026“ во Њујорк.

Самитот се одржува паралелно со Генералното собрание на Обединетите нации, а Димитриеска-Кочоска присуствувала на сесијата „Holding the Line: Women’s Leadership in an Era of Global Uncertainty“.

Според министерката, застапеноста на жените на високи раководни позиции бележи значителен напредок, но главниот предизвик е постигнатите резултати да бидат трајни и дополнително да се зајакнуваат, вклучително и во периоди на криза и неизвесност.

„За тоа се потребни силни институции, поддршка и средина во која жените не само што ќе бидат застапени во процесите на одлучување, туку ќе имаат можност активно да придонесуваат, да носат одлуки и да ги преточуваат во конкретни резултати“, напиша Димитриеска-Кочоска во објава на социјалните мрежи.

Таа порача дека лидерството се гради со работа, одговорност и резултати.

„Како жена на раководна позиција, верувам дека лидерството најсилно се потврдува преку одговорноста што ја преземаме, одлуките што ги носиме и резултатите што ги постигнуваме“, истакна министерката.