Демократскиот сојуз бара политичка и кривична одговорност од „мултиетничката“ Влада поради загрозување на животот на голем број пациенти во Клиниката за онкологија, со кражбата на терапијата и нејзиното продавање на црниот пазар, се вели во соопштението на партијата.
Од ДС додаваат дека оваа состојба е резултат на неодговорното владеење на ДУИ и СДСМ, јавашлукот и партиските кадри кои се заштитени од водствата на двете владеачки партии.
-Кривична одговорност мора да сносат сите што биле вклучени во овие грозоморни „убиства“ на пациентите, но без политичка одговорност на премиерот и министрите, ваков вид злосторства и натаму ќе се повторуваат. Демократскиот сојуз јавно ги прашува МВР, АНБ, Финансиската полиција и другите надлежни институции – до кога ќе чекате медиумите да го откриваат криминалот од функционери на партиите од власта?! Треба да се охрабрите и криминалот да го сосечете во корен, во спротивно ќе останеме без држава, се наведува во соопштението.