Турската провокација секојдневно зазема нови димензии, работи кои пред неколку години, можеби ќе се сметаа за незамисливи, сега се дел од дневната агенда на однесувањето на соседната земја, рече министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас за време на неговото обраќање на состанокот на Комисијата за национална одбрана и надворешни работи во грчкиот Парламент.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, на денешниот состанок Дендиас информираше за последните случувања во грчката надворешна политика, a осврнувајќи се на Турција, како пример за турските провокации ја спомена неодамнешната мапа „која го оспорува грчкиот суверенитет на над половина од островите во Егејското море и Крит“.
– Секако неприфатливите работи ќе им ги потенцираме на нашите сојузници. Ќе им укажеме за однесувањето на соседот и веќе го правиме тоа. Апсолутно имаме јасно ставено до знаење дека ваквото однесување, на било кој начин, не е прифатливо. Но, корисно е тоа да им го потенцираме на нашите партнери за да не постојат илузии, рече Дендиас.
Шефот на грчката дипломатија на состанокот на Комисијата имаше кус говор, се обратија и претставниците на партиите, по што дискусијата продолжи, но зад затворени врати.