– Во претстојните осум денови, ќе се врши вакцинација на наставниците кои одржуваат настава со физичко присуство, имајќи предвид дека се во постојан контакт со децата од I до III одделение, додадоа од Општината.

Од Општина Карпош истакнаа дека интересот за вакцинација на просветните работници од сите 10 основни училишта во Карпош е голем, бидејќи преку нејзина примена се очекува враќање на образовниот процес во нормален тек.

Александра Петковска, Елена Масторидис и Ирена Грегориќ се меѓу првите наставнички кои попладнево примија вакцина во вакциналниот пункт во А1 Арената – С.Ц. „Борис Трајковски“.

– На овој начин, силно верувам дека ќе почне образованието да се враќа во нормала. Спроведуваме настава во исклучителни услови, а и учениците навистина се наша голема поддршка и ни држат „лекција“ за трпение, одговорност и посветеност, рече Александра Петковска од ООУ „Петар Поп Арсов.

Наставничките Масторидис и Грегориќ ја посочија и добрата организација на целиот процес за имунизација и љубезноста на волонтерите и здравствените работници.

Сите се согласни дека единствено со имунизација на населението, ќе успееме да го вратиме повторно детскиот џагор по училишните ходници, а знаењето и смеата повторно да бидат присутни на часовите.