Во населбата Бирарија започнаа градежните активности за целосна обнова на патната мрежа. Градоначалничката на Општина Кисела Вода изврши директен увид во текот на градежните работи на теренот.

Инфраструктурниот зафат опфаќа комплетна реконструкција на коловозот на улицата „Фредерик Шопен“ во должина од околу 350 метри. Проектот се реализира со цел решавање на долгогодишните барања на граѓаните и значително зголемување на сообраќајната безбедност во овој фреквентен дел од населбата.

Градежните активности се одвиваат во соработка со Министерството за транспорт и врски, при што финансиските средства се обезбедени преку владините капитални програми реализирани со заемот од Унгарија.

„Увидот на терен на улицата ‚Фредерик Шопен‘ уште еднаш потврдува дека со континуирана работа градиме модерна, безбедна и функционална општина. Со ваквите зафати одговараме на конкретни потреби на граѓаните и покажуваме колку значајна е координацијата меѓу локалната и централната власт. Заедничките капитални вложувања остануваат наш приоритет за поубава и поквалитетна средина за живеење за сите жители на Кисела Вода“, изјави Стаменкоска Трајкоска.