Пратката ќе ја пречекаат државната секретарка во Министерството за здравство Иванка Стојаноски и амбасадорот на Народна Република Кина во Република Македонија, Џанг Ѕуо.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера на „Фејсбук“ објави дека вакцината „Синовак“ е ефикасна, безбедна за користење и одобрена од Светската здравствена организација.

– Еве ги официјалните карактеристики на вакцината Синовак објавени од СЗО – Инкативиран САРС-Ков2 вирус, потребни се две дози, втората доза од 14-28 дена по првата доза, високо ефикасна за превенција на тешка болест, се дава мускулно во рамо, препорачана за употреба кај бремени жени кога придобивките од вакцинацијата за бремената жена се поголеми од потенцијалните ризици. Препорачана за употреба кај доилки како и кај други возрасни лица, напиша Филипче.

Со 500-те илјади вакцини од „Синовак“ и со 100.620 дози од вакцините „Фајзер“ набавени преку Ковакс системот, од утре почнува вакцинацијата на лицата кои изразиле желба да се вакцинираат. Министерството за здравство најави до 15 јули ќе бидат вакцинирани околу 462.211 граѓани пријавени преку веб-платформата vakcinacija.mk.

Вчера беа вакцинирани 8.792 граѓани, а вкупно се аплицирани 510.351 дози вакцини. Ревакцинирани се 214.571 граѓани.

Со последните бројки, 51 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина и 45 проценти над 65 години. Од граѓаните над 60 години, 38 отсто имаат примено барем една доза.

Масовната вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп. Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на сајтот vakcinacija.mk, како најлесен и најбрз пат да се вакцинираат против коронавирусот.

Епидемиолошката слика во земјава и натаму бележи позитивен тренд. Вчера не беше регистрирано ниту едно починато лице од Ковид-19. Беа евидентирани само шест новозаразени од направени 3.147 тестирања и четворица оздравени.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 155.669, бројката на оздравени пациенти е 149.950, на починати е 5.484, а бројот на активни случаи изнесува 235.

Најмногу активни случаи има во Скопје и тоа 88, потоа следува Куманово со 28, Тетово 22, Прилеп 18, Охрид 17, Кичево 16. Во 12 градови нема ниту еден активен случај, а во девет само по еден заразен со коронавирусот.

Досега во земјата се направени вкупно 870.380 тестирања на Ковид-19.