Од кабинетот на косовската претседателка, Вјоса Османи, соопштија дека таа ќе ја прекине посетата на Јапонија, каде што престојува по повод Олимписките игри и денеска ќе се врати во земјата.
Автобусот со косовски регистарски таблички, кој сообраќаше на релацијата Франкфурт – Приштина, вчера околу шест часот наутро излета од патот и се преврте во близина на Славонски Брод, при што, загинаа девет патници и еден од двајцата возачи.
Во болницата во Славонски Брод се примени на лекување 44 патници, од кои 15 се потешко повредени. Министерот за здравство, Вили Берош, појасни дека во автобусот имало 15 малолетни лица. Едно од нив, станува збор за девојка, е меѓу потешко повредените.
Медиумите јавуваат дека возач признал дека за момент заспал зад воланот, по што изгубил контрола врз автобусот.
„Возачот на автобусот е затекнат на местото на несреќата и во меѓувреме уапсен. Тој тврди дека за момент заспал во возењето, но околностите допрва ќе се утврдуваат“, изјави заменикот на општинскиот јавен обвинител Славко Прањиќ.