Девет лица се уапсени рано утрово во општина Зубин Поток, на северот на Косово, под сомнение дека извршиле воени злосторства. Апсењата се дел од полициската операција „Досие 23“, поврзана со случајот познат како „Група интелектуалци“, јави приштинската телевизија „Клан Косова“, а пренесе „Бета“.

Според информациите од обвинителскиот систем, акцијата ја спровела Дирекцијата за истрага на воени злосторства, по наредба на Специјалното обвинителство на Косово и со поддршка од други специјализирани полициски единици.

Специјалното обвинителство и косовската полиција најавија дека дополнително ќе ја информираат јавноста за текот на операцијата, преземените дејствија и другите детали од случајот.

Кон крајот на јуни и почетокот на август биле извршени ископувања во близина на селата Мала Калудра и Јабука, во општина Зубин Поток. При ископувањата биле пронајдени останки на 23 лица од таканаречената „Група интелектуалци“.

ДНК-анализата на три од пронајдените останки, извршена во Хаг, потврдила дека станува збор за членови на „Групата интелектуалци“, кои исчезнале на 19 април 1999 година.