Од кога датира конфликтот меѓу Индија и Пакистан?

Кашмир, хималајски регион на северот од индискиот потконтинент, веќе повеќе од седумдесет години е едно од најнестабилните и најоспоруваните жаришта во светот. Од стекнувањето на независноста од Британската империја во 1947 година, Индија и Пакистан воделе неколку војни и судири – речиси сите поврзани со контрола врз Кашмир, кој двете земји го сметаат за своја територија.

За целата драма која започна од синоќа погледнете во продолжение:

(ВИДЕО) Индија го нападна Пакистан: Ескалација по нападот врз туристи во Кашмир

Поделбата на Британска Индија и почетокот на конфликтот

По поделбата на Британска Индија на претежно хиндуистичка Индија и муслимански Пакистан, Кашмир стана предмет на сериозни несогласувања. Иако мнозинството од населението било муслиманско, регионот го управувал хиндуистички принц. Во октомври 1947 година избувна првата војна помеѓу новоформираните држави. Конфликтот, во кој загинале илјадници луѓе, заврши во 1948 година без конечна одлука.

Линија на прекин на огнот и неостварениот референдум

Во 1949 година, со посредство на Обединетите нации, беше воспоставена линија на прекин на огнот, која го подели Кашмир на два дела – еден под индиска, друг под пакистанска контрола. Тогаш ОН ветија референдум меѓу жителите на Кашмир за да одлучат дали сакаат да се приклучат кон Индија или Пакистан. Тој референдум, сепак, никогаш не беше одржан.

Кашмир денес – поделба на три дела

Во моментов, Кашмир е поделен на три административни целини:

  • Индија контролира јужниот и централниот дел (Џаму и Кашмир), како и источниот планински регион Ладак, кој вклучува и стратешки важната територија Сиачен.

  • Пакистан управува со југозападниот дел познат како Азад Кашмир и северниот регион Гилгит-Балтистан.

  • Кина контролира планинската област Аксaј Чин на североистокот, која Индија ја смета за дел од Ладак.

Дали има граница во Кашмир?

Границата меѓу индискиот и пакистанскиот дел на Кашмир е позната како Линија на контрола (LoC). Иако не е меѓународно призната како официјална граница, LoC денес претставува де факто разделба меѓу двете територии. Таа линија беше потврдена по војната во 1971 година и се темели врз Карачинскиот договор од 1949 година, кој го воспостави примирјето под надзор на ОН.

Конфликт без крај

Конфликтот меѓу Индија и Пакистан останува едно од најопасните геополитички жаришта во светот. Последната ескалација на насилствата го потврдува тоа. Во последните три децении, конфликтот однел десетици илјади животи, а трајно решение сè уште не се наѕира.