Децентрализацијата претставува важен демократски принцип што овозможува сите одлуки кои директно ги засегаат граѓаните да се носат на локално ниво, целосно усогласени со реалните потреби и специфичностите на заедниците, порача претседателот на Собранието, Африм Гаши, за време на состанокот со делегацијата на Конгресот на локалните и регионалните власти при Советот на Европа.
На состанокот учествуваа претседателката на собраниската Комисија за финансирање и буџет Сања Лукаревска, потпретседателот на Комисијата за локална самоуправа Пеце Милевски, како и коизвестувачите за локална демократија Андерс Кнапе од Шведска и Матијас Гисин од Швајцарија. Главни теми на средбата беа практичното спроведување на Европската повелба за локална самоуправа, заштитата на човековите права и обезбедувањето на владеењето на правото во рамките на локалната власт.
„Овој процес е еден од клучните аспекти на Охридскиот рамковен договор од 2001 година, со кој се предвиде зајакнување на локалната самоуправа и поголемо учество на граѓаните и заедниците во локалното одлучување“, посочи Гаши.
Соговорниците детално дискутираа за степенот на независност на локалните власти, динамиката на децентрализацијата, финансиската автономија на општините, како и за законските надлежности што ги извршуваат градоначалниците и општинските совети.
Во фокусот на разговорите беа ставени и прашањата за долгорочната финансиска одржливост на локалните единици, предизвиците поврзани со заштитата на животната средина и демографските промени, како и зајакнувањето на административните и институционалните капацитети на локалната самоуправа со цел нејзино сеопфатно унапредување.
