До Собранието сè уште нема пристигнато официјално барање за закажување итна седница посветена на насилството врз жените и семејното насилство. Во исто време, предлог-законот против насилство поднесен на 26 август од група пратеници веќе е испратен на разгледување и мислење до Владата, информираше претседателот на парламентот Африм Гаши на редовната средба со новинарите. Парламентарното мнозинство претходно го прифати предлогот на опозицијата за одржување итна расправа за фемицидите.

„Сè уште немаме доставено такво барање до Кабинетот на претседателот или до службата на Собранието. Штом го добиеме тоа барање, веднаш ќе постапиме. Во однос на законот што е во собраниска процедура, испратено е мислење до Владата. Штом добиеме мислење од Владата, законот ќе го пуштиме во собраниска процедура“, изјави Гаши.

Прашан дали на денешната седница за пратенички прашања ќе разговара со премиерот Христијан Мицкоски со цел Владата побрзо да се изјасни, Гаши потенцираше дека станува збор за исклучително чувствително прашање околу кое постои општествен консензус меѓу функционерите, медиумите и јавноста за што побрзо законско решение со кое ќе се сузбие насилството врз жените.

„Но тоа ќе биде борба, која ќе треба сите да ја извојуваме заедно“, рече Гаши.

Националната стратегија за борба против корупцијата во моментов е на дневен ред на 111. собраниска седница заедно со предлог-законот за правична застапеност, но таа седница се соочи со блокада од страна на опозицијата.

„Повеќето од законите на кои предлагачи беа Владата и пратениците ги повлекоа и ги ставивме на друга седница. Јас ќе побарам в понеделник од координаторите да се согласиме заедно да свикаме продолжение на 111. седница и само таа точка да ја гласаме. Ако не успееме да се договориме, тогаш ќе побараме од ДКСК да ја повлече стратегијата и веднаш да ја достави да ја ставиме на друга седница“, изјави Гаши.

Во однос на законското решение за правична застапеност за кое е нужно обезбедување Бадентерово мнозинство, претседателот на парламентот појасни дека интензивно се разговара со партиите од албанскиот блок и изрази уверување дека ќе се најде решение и законот ќе биде изгласан.

Осврнувајќи се на екипирањето на Уставниот суд, тој потсети дека едно судиско место е упражнето и треба да биде пополнето од Собранието, по што матичната Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска веќе ја предложи судијката Теодора Ефтимовска Бојковска од Гостивар.

„Веќе е започната процедурата за изборот на тој уставен судија. Што се однесува до завршувањето на мандатот на двајца други уставни судии, се надевам дека штом ќе ги имаме предлозите ќе постапиме веднаш согласно Деловникот и дека навреме ќе ги пополниме“, рече Гаши.