„Зоки Поки” премиерно се емитуваше на првата програма на нашиот јавен сервис „МРТВ” во периодот од мај до јуни 2020 година. Скоро, беше најавено емитувањето на серијата и низ цела Скандинавија, односно на националните телевизии „SVT” во Шведска, „NRK” во Норвешка, „DR” во Данска и „YLE” во Финска.
Емитувањето на овие значајни национални телевизии во Скандинавија и соседна Србија е достигнување кое е од историско значење за македонската кинематографија. Но, и покрај големиот меѓународен успех, снимањето на втората сезона е сѐ уште во неизвесност.
-Се радувам што серијата ќе се прикажува и во Србија. Голем е предизвикот Зоки Поки да се емитува на ʻРТСʼ која негува висок квалитет на продукција, особено во последните години кога во оваа држава има експанзија на производство на голем број квалитетни серии. Со нетрпение ја очекувам реакцијата на децата од соседна Србија, вели продуцентот на серијата Роберт Насков.
Модерната екранизација на популарната детска книга на писателката Оливера Николова, е во продукција на Кино Око, во копродукција со Македонската радио телевизија и со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија.
Главните улоги во серијата ги толкуваат Матеј Настевски (Зоки), Анастасија Аневска (Лидија), Матео Матоски (Боки) и Матеј Зимбаков (Гоки). Покрај детската екипа, во серијата играат и Сашко Коцев и Даниела Иваноска, кои ги глумат родителите на Зоки и Сабина Ајрула-Тозија, во улогата на неговата баба.
Режисери на серијата се Александар Поповски, Марија Апчевска, а режисери на епизодите Марија Апчевска, Александар Поповски, Даријан Пејовски и Радован Петровиќ. Сценаријата за серијата се на Сашо Кокаланов и Билјана Црвенковска.
Сите епизоди од првата сезона се достапни за гледање на официјалната веб-страница на серијата.