Тоа е годишен научен форум за презентација на најновите истражувања за различни аспекти на византолошките и средновековните студии, што го вклучува третманот и интерпретацијата на културното, историското и духовното наследство во современа Европа. Симпозиумот е посветен на императорот Јустинијан Први со цел да опфати широк спектар на истражувачки прашања со кои ќе се реконструира културното и историското наследство, како компонента на различностите на обединета Европа. Претседателот на организацискиот одбор на симпозиумот, проф. д-р Митко Б. Панов, на отворањето истакна дека учесници од 17 земји во претстојните три дена ќе ги разменат своите најнови истражувања за Византија и средновековна Западна Европа, со фокус на специјалната тематска целина оваа година
Симпозиумот се одржува комбинирано – со физичко присуство и онлајн и во осум сесии реферати ќе презентираат 50 професори и научници од: Италија, САД, Велика Британија, Франција, Русија, Полска, Чешка, Словачка, Холандија, Шведска, Австрија, Унгарија, Србија, Грција, Хрватска, Грузија. –
-Ќе имаме продуктивни сесии фокусирани кон темата „Идеологија“, која функционира на различни нивоа и имала силно влијание врз византиското, римското и средновековното општество, рече Панов, а во контекст на темата беше и пленарното предавање на проф. Џон Халдон, од Универзитетот во Принстон, претседател на Меѓународниот комитет за византиски студии.
Панов го промовираше и Зборникот на трудови од минатогодишните, осми „Денови на Јустинијан Први”, кој ги содржи пленарните предавања и реферати на 30 професори и научници. Тие го истражуваат суштинското влијание на религијата (која беше тема на минатогодишниот симпозиум) во историските процеси, политичките и културни трансформации кои ги надминуваат границите и времето.
-Уверен сум дека и рефератите што ќе бидат презентирани на деветтото издание на „Денови на Јустинијан Први“ ќе дадат суштински придонес за европската и светската научна јавност, реоткривајќи го минатото кое има потреба од константно проучување и разбирање на иднината, додаде претседателот на организацискиот одбор.
Симпозиумот „Денови на Јустинијан Први” е поддржан од Министерството за култура, Град Скопје, Амбасадата на Италија и Македонската православна црква.