Во салата „Јане Сандански“ на 19 и 20 септември ќе се одржи Европскиот куп во џудо за сениори – Скопје 2026. Листата на учесници е затворена, а од Џудо федерацијата на Македонија информираат дека се пријавени 439 џудисти од 42 држави од четири континенти.

Натпреварите во двата дена ќе траат од 9 до 19 часот, а влезот за посетителите ќе биде бесплатен. Свеченото отворање е закажано за сабота во 16 часот. Потврдено е присуството на раководни претставници на европското џудо, како и на високи гости и претставници на земјите учеснички.

Претседателот на Џудо федерацијата на Македонија, Владимир Трпановски, вели дека организаторите се подготвени за натпреварувањето, кое, според него, ќе биде најмасовното досега во рамките на овој куп.

„Ние сме максимално подготвени да го продолжиме континуитетот на успешно организирани врвни џудо натпреварувања. Како резултат на досегашните високи оценки за нашата организација ја добивме привилегијата да го организираме и овој куп кој ќе биде најмасовен досега во рамките на ова натпреварување во било која европска земја. Да потсетам уште еднаш дека своето доаѓање го најавија најдобрите европски и светски џудисти, бидејќи резултатите ќе се бодуваат и за Олимписките игри, така што очекуваме едно врвно натпреварување“, вели Трпановски.

Од Федерацијата потсетуваат дека натпреварувањето го носи името Европски куп затоа што се одржува во Европа, но право на настап имаат џудисти од сите континенти.