Во Битола денес се одржа турнир во фудбал, еден од двата настани со кои градот го одбележува Европската недела на спортот, што се одржува од 23 до 30 септември.
Младите спортисти натпреваруваа на стадионот со вештачка трева „Петар Упалевски-Упале“, а промотори на настанот беа фудбалери и фудбалерки од ФК и ЖФК „Пелистер“. Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, ја посети манифестацијата, истакнувајќи ја големата поддршка на општината за младите и за спортот.
Европската недела на спортот (EWoS) е иницијатива на Европската комисија со цел да ја поттикне физичката активност, рекреацијата и здравиот начин на живот кај граѓаните од сите возрасти. Националниот координативен орган (НЦБ) ја имплементира оваа кампања преку бројни настани, активности и истражувачки процеси ширум земјата.
Организацијата е на Министерството за спорт со поддршка на Општина Битола, а настаните се кофинансирани од Европската унија. Утре во Градскиот парк во Битола ќе се одржи есенски крос со ученици од основните и средните училишта од Битола, со почеток во 10:00 часот.
