Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, објави дека 24 министри во македонската Влада, заедно со премиерот, поседуваат недвижен имот чија вкупна вредност надминува 4 милиони евра, нагласувајќи дека станува збор исклучиво за имот, а не за други форми на сопственост.
„Од рубриката ‘Ајде за убави работи да зборуваме’. 24 министри во македонската Влада (сосе премиерот) – тежат над 4 МИЛИОНИ ЕУР само во недвижнини!“, напиша Апасиев, дополнувајќи со иронична забелешка: „п.с. А ви душмани, бурек и јогурт.“
На оваа објава следуваше реакција од новинарот Љупчо Златев, кој направи сопствена пресметка и ја доведе во прашање пораката што ја испраќа објавата на лидерот на Левица.
„НЕ ПРАВИ МАТЕМАТИКА НАДВОР, ПРЕД ДА НАПРАВИШ МАТЕМАТИКА ДОМА!“, напиша Златев, додавајќи дека доколку 4 милиони евра се поделат на 24 министри, произлегува дека секој од нив во просек има имот во вредност од 166.000 евра.
Тој во продолжение наведува дека тоа, според таа логика, значи дека министрите се посиромашни од авторот на објавата, алудирајќи на Апасиев.
Ова значи дека нашите министри се посиромашни од авторот на овој пост.
Напатениот стечаен син Димитар Апасиев пријавил имот во вредност од 178.000 евра.
Математиката вели дека Апасиев е побогат од просекот на нашите министри.
