Потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Димитриеска Кочоска при денешната посета на општина Зрновци на увид во градежните работи на веќе започнатите проекти, одговараше на новинарско прашање поврзано со покачувањата на горивата и импликациите кои ќе произлезат врз домашниот буџет и кажа дека цените на горивата во континуитет бележат пораст, тоа е многу загрижувачки бидејќи се работи за горива кои не ги користат граѓаните само заради превоз, туку и за производите кои стигнуваат во продавниците, односно транспортот.
– Гледаме дека владата воопшто нема никаков слух во решавање на овој проблем. ВМРО-ДПМНЕ на двапати имаше обид, односно предлог на закон за корекција на акцизите, сѐ со цел да се помогне на граѓаните. Нашата загриженост е многу голема бидејќи сите трошоци за живот од ден на ден вртоглаво растат. Вие гледате дека ако пред неколку месеци со 1000 денари сме можеле да купиме одреден број на производи, тие исти производи денес ги купуваме со 2000 денари и овие трошоци плус на горивата, значи дополнително го оптеретуваат буџетот на домаќинствата.
За жал, не гледам никаков интерес во владата ниту некаква загриженост, гледам само некои 3-4 министри секојдневно ќе излезат, ќе си кажат некоја нивна приказна, нивно гледиште и се однесуваат како воопшто да не ги следат цените во продавниците. Најодговорно тврдам бидејќи ако вие сте загрижени за граѓаните, ќе преземете нешто. Не може на двапати да даваме предлози во однос на акцизите, на двапати да ги занемаруваат нашите предлози. Оние нивни предлози за намалување на акцизите се смешни, еве гледаме дека нема никакви ефекти од нив и стигнавме до двоцифрена инфлација – рече Димитриеска-Кочовска.