Со ребалансот на Буџетот направивме напори во еден краток период и услови коишто ги наследивме да го направиме најдоборото. Обезбедивме пари за сите обврски коишто се согласно закон и тие ќе се сервисираат. Голем притисок којшто се прави врз Буџетот доаѓа од исплатата на гаранциите, односно кредити за одредени јавни претпријатија коишто не се во состојба да ги вратат. Ова го потенцира министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостување во Централниот дневник на МРТ.
„Во ребалансот е испланирано да се исплати се она што е согласно закон и законски измени. Предвидени се средства и за доспеаните обврски, кoишто иако биле доспеани не биле воопшто евидентирани во ЕСПЕО системот на Министерството за финансии. При тоа даваме приоритет на сервисирањето на она што е сигурно за плаќање согласно закон. На дел од доспеаните обврски се прави ревизија по што ќе се направат исплати согласно утврдените анализи. Во фаза сме кога може да трошиме толку колку што ќе наплатиме со цел да не креираме дополнителен буџетски дефицит, којшто е веќе зголемен за 181 милион евра,“ рече министерката.
Таа додаде дека сериозна тежина претставуваат исплатите на гаранциите кое влијае на реализација на инвестиции.
„Станува збор за сериозна тежина којашто се прави врз Буџетот од исплатата на гаранциите, затоа што поради корупција и криминал некои претпријатија се уништени и сето тоа паѓа на товар на државата. И наместо да обезбедиме 100 милиони евра за инвестиции во здравство, образование и слично, ние враќаме гаранции, односно кредити на јавните претпријатија коишто не се во состојба да ги вратат. На пример само за ЈПДП годинава сервисираме 90 милиони евра. Ако до минатата година ова претпријатие било во состојба да плати една рата во годината, сега не може да сервисира ниту една“, потенцира Димитриеска-Кочоска и додаде дека тоа се случува во момент кога Буџетот е во тешка состојба, а државата како крајна инстанца мора да обезбеди пари за враќање на кредитите.
За најавеното линеарно зголемување на пензиите смета дека тоа е нешто што го заслужуваат пензионерите. „Ако на некој со пензија од 13.000 денари му додадете 5.000 денари, значи му давате пари за да преживее, имајќи ги предвид зголемените трошоци. Ние само ја менуваме методологијата со која се фокусираме тие што имаат пониски пензии да добијат поголем износ и со тоа да се намали јазот со повисоките пензии“, рече министерката за финансии.
Билатераниот заем од Унгарија, според минитерката не прави дополнителен притисок врз Буџетот, бидејќи, како што вели, износот од 500 милиони евра е предвиден од претходната Влада „Она што го правиме ние е обезбедување поевтини пари. Односно доколку отидевме со изддавање еврообврзница ќе добиевме средства со камата од над 6%, а овој заем е со камата од 3,25%“ рече Димитриеска-Кочоска.
Во интервјуто истакна дека јавниот долг може да биде одржлив преку справување со неформалната економоија и дека важен аспект е и на кој начин се трошат парите што се позајмуваат, односно дали тие се трошат за инвестиции. „Ако ги трошите за инвестиции коишто ќе додадат вредност во целокупната економија, тогаш во еден момент може јавниот долг да е поголем. Суштината е каде завршуваат парите. Во минатото завршуваа во потрошувачка и затоа немавме раст на БДП. Имаме многу ниско ниво на бруто инвестиции и сето тоа не доведува до лоша економска состојба“, рече министерката за финансии Гордана Димитиеска-Кочоска.